Архитектурата и кризата

Проф. д-р Огнен Марина
Декан на Архитектонски факултет – Скопје

Во 2020 год. го доживеавме тоа што претходно беше незамисливо. Ограничувањето на социјалните контакти, наметнатата физичка дистанца, прекинот на економските процеси, стопирањето на меѓународните патувања, ограничената мобилност на луѓето и вонредните здравствени мерки проследени со карантин и целосно затворање на градовите, беа незамисливи пред пандемијата со Ковид-19 вирусот. Се почувствува влијание врз секој детаљ од нашето секојдневие и многу вообичаени практики за тоа како луѓето, нивните семејства, нивните пријатели и поширокиот социјален и деловен круг функционираат, неповратно се измени. Сите наши навики беа компромитирани и проблематизирани.

Пандемиите не се новина во светот, а особено не се новина за градовите кои во историјата  најчесто биле центри на ширење на заразите од смртоносните болести, а многу често тие заразни болести го менувале социјалниот, економскиот и политичкиот поредок во градовите и во државите. Сепак, оваа пандемија достигна размер кој не е виден во последните 100 години во светската историја и имаше невидено влијание на социјалниот и просторниот поредок на локалните заедници низ целиот свет. Оваа светска криза на најдобар и истовремено, на најлош начин, ги покажа сите недостатоци на современото општество како постојните конфликти, нееднаквости, сиромаштија, слабото образование и медицинска заштита и воопшто, поделеноста и поларизацијата на човечката заедница во сите сфери на живеењето. 

Ефектите од девастирачката сила на пандемијата на градовите и урбаните заедници се многукратни и далекусежни. Со наметнатата социјална и физичка дистанца, се создадоа и нови просторни и социјални практики на интеракција помеѓу луѓето и просторот во кој живеат, работат, учат, се лечат, уживаат и друго. Новата просторна реалност на заедниците обликувани од рестриктивните мерки на здравствената криза ги актуализираат и прашањата и предизвиците на економската криза која предизвика редефинирање на основните економски и финансиски текови и практики. Оваа криза имаше влијание врз скоро секој човек лично, низ промените на дотогаш востановените просторни практики, но и на општествениот, културниот, политичкиот и институционалниот живот на секој граѓанин. Оттука, оваа криза има големо влијание и на политичкиот и на јавниот живот, преобликувајќи ги јавниот и приватниот простор и врските помеѓу нив.

Свесни за овие промени и последици предизвикани од здравствената криза, повторно се актуализира прашањето за улогата на архитектурата и архитектонското знаење во соочувањето и решавањето на горливите и суштински предизвици пред кои е исправено современото општество. Дали архитектите денес сѐ уште имаат знаења и практики кои можат да придонесат во решавањето или макар во соочувањето и ублажувањето на последиците од здравствената, економската и општествената криза? 

Ова е уникатен момент во историјата во кој според Грамши „природниот поредок“ на градовите и урбаните општества, заедно со „стекнатите права“ и „здравиот разум“ кои произлегуваат од воспоставените и наталожените практики е проблематизиран од новата просторна реалност низ создавањето на нови привремени и нестабилни просторни појави и практики за кои говори Шантал Муф. Во времето на здравствената криза овие нови просторни практики мора постојано да се ресоздаваат низ континуираниот дијалог помеѓу сите актери во процесот на создавање на јавниот и приватниот простор. Токму тука, во овој нестабилен, но креативен простор помеѓу старото и новото се наоѓа и најголемата шанса за архитектите и архитектонските практики кои можат да се етаблираат и промовираат како главни креатори и медијатори на овој дискурс помеѓу општествените чинители, граѓаните и урбаниот контекст. 

Всушност, кризата која ги уништува постојните парадигми во креацијата и артикулацијата на просторните практики во едно општество е одлична можност за создавање на нови просторни конфигурации и искуства. Оваа новосоздадена можност за архитектите подразбира промени и во практиката на архитектурата која сега мора да вклучува и промовира поодговорна креација, која ќе биде инклузивна и ќе го помести (или ќе го врати) фокусот од малите изолирани проекти кон големите визии и идеи за развој на општеството. Овојпат, трансформацијата не може и не смее да биде само техничка и технолошка туку пред сѐ мора да биде хуманистичка и културолошка. 

Затоа, задачата на сите архитекти и студенти по архитектура е да продолжат да ги истражуваат различните архитектонски концепти и просторни дискурси кои ќе овозможат трансформација на нашето општество во одговорно, одржливо и праведно општество. Обликувањето и проектирањето на новата просторна реалност на Постковид-19 градовите и заедниците е особено важно бидејќи начинот на кој ги разбираме и разговараме за проблемите и предизвиците влијае и на начинот на кој можеме да се соочиме со нив. Оваа нова просторна реалност и дискурсот за неа ќе ни овозможи да ги согледаме досега скриените и можеби не до крај, разбрани и афирмирани потенцијали на нашите градови и нашата заедница. 

Оваа, виртуелна изложба на архитектонските студија ВИАС-2020 е посебна не само по начинот на кој се одржува или по својот назив туку таа е посебна и пред сѐ поради пораката која треба да ја пренесе до сите сегашни и идни генерации на студенти на Архитектонскиот факултет, а тоа е дека и во најлошите времиња ние се менуваме, се адаптираме и успеваме да го откриеме најдоброто во себе, гледајќи на кризата како на можност да создадеме подобар свет.