АРХИТЕКТОНСКО СТУДИО VIII1
Поднаслов ако треба
Според едно од житијата во средината на XI век во с. Лесново живееле четворицата големи светители — Јован Рилски, Прохор Пчински, Јоаким Осоговски и Гаврил Лесновски. Четворицата светители живееле испоснички во лесновската гора. Откако оствариле духовна зрелост заминале на четири различни страни и изградиле манастири, при што Гаврил Лесновски останал во Лесново и го основал Лесновскиот манастир.
Оттогаш следиме еден вртлог на програмско и физичко наслојување на овој духовен, просветителски центар, во позадината на драматичниот природен контекст на Лесновскиот кратер, на еден од најизразитите палеовулкански предели на Балканскиот полуостров.
Во физичката структура на манастирот читаме различни стратификации: црква XIV, кула XIV, чешма XVII, конаци XIX. Во таа смисла манастирот е динамичен систем од една страна, одраз на перманентноста, од друга, на континуирано трансформирање, како безвремена вертикала околу кои се асамблират различни програми кои се во дијалог со своето време. Затоа предложивме рурална лабораторија како база за изучување, преиспитување, контемплирање на сложените феномени на природниот и руралните контексти. Во физичка смисла треба да се надоврзе на линијата на јужниот и западниот ѕид. Во програмска смисла РУРАЛАБ работи сезонски по моделот на летната школа. Во останатиот дел од годината претставува гостински конак за манастирот и селото Лесново.